понеделник, 7 јули 2008

Ѓорѓија М. Пулевски


На Балканскиот Полуостров од старо време живееле осумнаесет словенски и дванаесет несловенски племиња.

Меѓу нив се и Македонците, односно Мијаците, потоа Брсјаците, Шопите, Мариовците, Јеновците и другите, но и несловенските Тоски, Арнаути, Грци, Ерменци, Арапи, Курди, Куцо-Власи и уште некои други.

Ова го наведува познатиот македонски преродбеник Ѓорѓија Пулевски во неговата книга „Славјанско - маќедонска општа историја“, издадена во 1893 година, а објавена во Македонија 2006 год. од МАНУ.

Книгата содржи повеќе од 1.000 страници, а во себе носи досега необјавен материјал, кој според многумина историчари кај нас, може од корен да ги промени македонските историски читанки, во однос на потеклото на Македонците, на македонскиот јазик и народите кои живееле во овој дел на Балканот.

Во единаесеттата глава на ова обемно дело, Ѓорѓија Пулевски, галички ѕидар, војник и самоук историчар, дава податоци за старите славјански племиња и за регионите каде тие живееле, „за да си знајат секој народност кога и от коде је дојден во Полостроф“.

Според него античките Македонци се Славјани, чии потомци се денешните Македонци, односно Мијаци!

Во „Историјата“ тој најнапред ги наведува словенските „соеви“ на Балканот:

Јеновците,
Торлаците,
Брсјаците,
Мијаците,
Бондарците,
Мариовците,
Кардалинците,
Ајраните,
Врбаците,
Пчинците,
Улуфите,
Свеневците,
Чолаците,
Челјанците,
Задгорците,
Шумадинците,
Црните Шопи и
Белите Шопи.

Пулевски ги наведува и несловенските племиња:
Арнаутите,
Тоските,
Куцо-Власите,
Грците,
Јуруците,
Ерменците,
Арапите,
Курдите,
Евреите,
Еѓупците,
Татарите и
Гагаузите.

Тој се задржува детално кај сите нив.

Пулевски е убеден дека Мијаците се старите македонски Словени, народот на Александар Македонски и негова гарда и оти Мијак е кратка форма за - Македонец.

„Мијаци - кусо речено, Македонци - продолжено речено. Мијак значит бистар ум, хора бистроумни, оште Македонци“, пишува тој.

Мијаците, додава Пулевски, живеат во регионот на Долна и Горна Река, горни Дебарски округ и Кичевски округ, а иселени Мијаци има и во
Смилево,
Битолско,
Крушевско,
Папрадишта,
Орашје и во
Бабунската околија.
Галичанецот Пулевски смета дека Брсјаците се викале така зашто биле брзата коњаница на Александар Велики.

„За брсјачко место им је Кичева, Порече, Деборца Охридска, Издеглавска околина, Белички реки...“

Црните Шопи се викале така зашто црни одежди носеле, а еднакви биле со Белите Шопи. Првите живееле во околината на Ќустендил, Струма, Саса, Банско, Кресна, Дупничката околина и Горна Џумаја.

Белите Шопи живееле во околината на Софија, Банско, Ниш, Морава, Самоков и Ихтиман.

Денешните Албанци Пулевски ги дели на две групи:
Арнаути и Тоски.

Според него, Арнаутите се потомци на Траките, а Тоските на Фокитите.

Арнаутите меѓу себе со Тоските се нарекувале Шкиптари.

Првите живееле најнапред во Тракија (просторот меѓу денешна Грција, Бугарија и Турција), за подоцна римскиот император Трајан да ги премести кон Јонско Море.

„Кесар Трајан римски като царувал, тики, заради дружението им со Уните Траките ги кренал от Тракија и ги заселил во Музекија, близу до Тоскине. Арнаутското старо име им било Траки“, напишал Пулевски.

Тоските, според галичкиот историчар, живееле во околината на Корча, Старова, Јанина, Берат, Епир, Елбасан, Музекиското поле, а ги имало во атинскиот округ.

За Грците, Ѓорѓија ни предава дека така се викаат по името Горци (гора - шума), а и Турците ги нарекувале Кара Качанлар (шумски бегалци).

„Ама Грци народно име немајет, токо сами меѓу них си се велет Уруми (Римјани), ама по историја Грцине ги познаваме за Еѓупци (Египќани), а не за Јевропејци“, напишал Пулевски, кој нив ги лоцира во Елада и во Пелопонез.

Ѓорѓија Пулевски починал во крајна сиромаштија во 1893 година во Софија, неколку месеци откако го завршил ракописот на ова значајно дело.

Инаку, Бугарите ги запалуваат скоро сите изданија на Македонската историја (исто како и „За Македонцките работи“, освен неколкуте чувани по Галичник и оригиналот, пронајден кај Галичани, роднини на Пулевски.


ЃОРЃИ ПУЛЕВСКИ, РЕЧНИК ОД ТРИ ЈАЗИКА (Извод)*

1875 г.
С Македонски
Пи.
А славјанскијод јазик аљи је секаде еднаков, иљи не, кажи ми со ред?
Од.
Славјанскијод јазик имал пет разљики.
Пи.
Који се тије разљики, кажи ми со ред?
Од.
Тије се руски, хрватски, бошњачки, бугарски и македонски.
Пи.
Који јазици с наљик еден со другијод од напред речените?
Од.
Рускијод и бугарскијод наибљизу се.
А хрватскијод и бошњачкијод и македонскијод наибљизу се.
Пи.
А македонскијод јазик, кога је бљизу со бошњачкијод, зашто се именувад с. македонски?
-Дека с македонскијод јазик је најсроден со церквенославјанските књиги, и тоа је старославјенски.
ИИ.
Одг.
Народ се вељид људи који е од еден род и кои зборувајед еднаков збор,
и који живунајед и се другарад еден со други,
и који имајед јаднакви обичаји и песни и весеља;
тије људите ји викајд народ,
а место во које живувад народ се вељид отечество од тои народ.
Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија.
Пи.
Што требувад за да се управувад и да се крепид еден народ?
Од.
Треба да имајед цар и управљеније царско.


ЃОРЃИЈА ПУЛЕВСКИ, РЕВОЛУЦИОНЕР И КНИЖЕВНИК
Првата историја за Македонците ја напишал самоук ѕидар

„Славјанско-маќедонска општа историја“ е ракопис со најголем број страници на македонски јазик до ослободувањето „Славјанско-маќедонската општа историја“, напишана од самоукиот ѕидар и културно-национален преродбеник Ѓорѓија Пулевски, утре ќе биде првпат промовирана во неговиот роден Галичник. Академикот Блаже Ристовски обемниот ракопис со над 1.700 страници го нашол пред повеќе од 40 години во ракописниот оддел во Народната библиотека во Софија. Таму се наоѓала и „Јазичницата“, што се уште не и е во целост позната на научната јавност, во која на 500 страници Пулевски пишува за особеностите на македонскиот јазик.

Пишувана од 1865 до 1892 година, „Славјанско-маќедонската општа историја“ е првата историја на Македонија и на Македонците воопшто, напишана од Македонец и на македонски јазик и претставува најобемно досега познато дело на современ македонски јазик си до 1944 година.

Целосниот микрофилмуван ракопис на „Славјанско-маќедонската општа историја“ Ристовски го добил дури во 1992 година, а од печат излезе лани, во издание на Македонската академија на науките и уметностите во едицијата на Фондацијата „Трифун Костовски“.

Делото е поставено врз научни основи, бидејќи Пулевски сепак бил добро информиран и коректно користи повеќе од 50 извори.

Методолошки тоа е сосем современа книга.

Таа е напишана на современ македонски јазик, со оригинален правопис и со вонредно интересна и значајна лексика за апстрактните и научните поими. Со сето тоа таа е значаен извор и за проучувања од нашите јазичари, историчари, лингвисти, етнографи и истражувачи на нашата национално-политичка историја. Всушност, тие 1.700 страници се најзначајниот тестамент на Пулевски за својот народ и својата земја - вели академикот Ристовски.

Во „Славјанско-маќедонската општа историја“ е опфатен периодот од создавањето на светот па си до неговото време. Историјата завршува со настаните што се случиле во 1892 година. Таа ги содржи сите клучни моменти од националната, политичката и културната историја на Македонија.

Посебно се интересни неговите пишувања за Охридската архиепископија и за државата на кралевите Волкашин и Марко како последни суверени на Македонија. Особено значаен за нас е прегледот на 19 век, каде што како сведок или соучесник ги опфатил македонските востанија и востанијата на соседните народи за ослободување од Турците и војните на големите европски држави со Турција. Во поголем дел од овие востанија и борби учествувал и самиот тој, бидејќи Пулевски уште од 40-тите години на 19 век бил активен во револуционерните движења - објаснува Ристовски.


За Ѓорѓија Пулевски, академикот Ристовски вели:

Самоукиот галички ѕидар и печалбар, еден од првите комити и револуционери, војвода и поет, учебникар, фолклорист и етнограф, лексикограф, граматичар, историчар и културно-национален идеолог е еден од најголемите македонски преродбеници од 19 век.

Ѓорѓија Пулевски починал на 13 февруари 1893 година во Софија во голема беда зашто, и покрај неговата голема револуционерна и културно-национална дејност, властите во Бугарија не наоѓале интерес да го вработат.

Најпосле, непосредно пред смртта, добил скромна пензија.

Инаку, за својата храброст и пожртвуваност во Руско-турската војна, Пулевски бил одликуван со орден и награден со сабја од рускиот цар.


Ѓорѓија М. Пулевски, 185 години од раѓањето и 110 години од смртта
Јасен културен и политички концеп за Македонија

Годинава се одбележуваат годишнините на голем број значајни настани од македонската историја. Па сепак, треба посебно да се додаде уште еден и тоа двоен и еднакво значаен повод. Имено, пред 185 години е роден, а на 13 февруари 1893 година, точно пред 110 година е починат еден од клучните ликови во македонската историја и култура од XIX век. Тоа е македонскиот комита, револуционер и културно-национален деец - Ѓорѓија М. Пулевски. Тој живееше и дејствуваше во бурниот период на значајни историски процеси, настани и личности, кои одиграа пресудна улога во формирањето и развитокот на македонската национална свест.

За годината на раѓањето на Мијакот Пулевски се уште нема прецизен датум, иако постојат разни информации за него од современиците. До скоро беше наведувана главно годината 1838. Со пронаоѓањето на некои нови документи, оваа година стана спорна.

Нема коментари: