среда, 2 јули 2008

Георгија Кастриот Искендер


Интервју со д-р. Петар Поповски


Д-р Петар Поповски е историограф и проучувач на животот на Ѓерѓ Кастриоти - Скендербег, односно, како што тој го именува, Георгија Кастриот - Искендер. Поповски тврди дека тој херој и борец против Османлиите од средниот век не е Албанец, ами чистокрвен Мијак, Македонец, но и оти никоја институција во Македонија не се интересира за истражување на неговиот живот и потекло. Оваа година се одбележуваат 600 години од раѓањето на Кастриот. Нашиот соговорник побарал од градските власти на овој јунак да му се подигне споменик во центарот на Скопје и на него да се напише: Георгија Кастриот - Искендер, втор Александар Македонски. Неговите колеги-Албанци воопшто не сакаат да го прифатат тврдењето оти најголемиот херој на Албанија не бил Албанец, туку Мијак.


* Зошто ова што го тврдите за потеклото на Георгија Кастриот никој од нас не го учел во училиштата?


Македонската наука досега не беше во позиција да може да истражува, да ги продлабочува и афирмира резултатите од тие истражувачки зафати поради ропската положба. Во Титова Југославија можеше да се истражува, но не беше можно да се истражуваат настани и личности од историјата присвоени од некои други нации, членки на Федерацијата, без оглед на тоа што на нив полагала право некоја друга нација. Да го земеме за пример кралот Георгија Кастриот (1405-1468). Во негово време, предците на современите т. н. Албанци (Гегите), не биле присутни на просторите во Матија, денешна Албанија, а всушност, го сметаат за свој национален јунак. Денес може да се истражува на такви чувствителни теми, но поради владините коалиции со Гегите не може да се добијат средства за истражување или за печатење вакви научни трудови. Нема да претерам ако кажам дека кај владејачките кругови во Македонија од поодамна постои тенденција да се затапи, да се задуши македонската наука и научна мисла.


* Имате ли предвид дека ваквите тврдења ги допираат националните чувства на Албанците. Сигурно и ги навредуваат...


Тоа не се мои лични измислици и конструкции. Тоа се веродостојни аргументирани историски факти и сведоштва. Еднаш засекогаш вистината мора да излезе на видело и оние што се во заблуда таа вистина треба да ја примат мирно, без возбуда и емотивни чувства и потреси. Конечно треба да се види кој е и што е тој. Така подобро ќе се разбираме и почитуваме. Доста беа импровизации и лицемерства. Немам намера да навредувам ничии чувства. Тие, т.н. современи Албанци, во најголем дел и самите знаат дека Георгија не бил Курд - Гега. Имено, кога Георгија Кастриот - Искендер (Александар), тој средновековен витез и крал на македонскиот народ, би знаел дека еден ден ќе биде прогласен за Гего-Мирдит, за Курд-Арнаутин, сигурно би се превртел во сопствениот гроб! Би бил среќен кога моите тврдења би се демантирале аргументирано, со веродостојни и издржани факти и сведоштва.


* Наведете ми неколку научници што низ вековите пишувале за Георгија Кастриот како за кнез на Мијаците, односно на Македонците?


Прв што посведочува дека Георгија имал македонско (мијачко) потекло е италијанскиот писател од 16 век (1514 г.), Теодор Спандучи. По него се јавуваат цела една плејада еминентни научни работници со светски глас, меѓу кои: М. Цамиле Паганел, Дју Фрезна; Џорџ Гордон Бајрон, Муратори, Јулиус Писко, В. Макушев, Иричек, Јастребов, Селиштев, Иван Снегаров, Иширков, Тома Смиљаниќ, познатиот грчки историчар Папаригопуло и многу други. Сите тие го нарекуваат „роден Мијак“, односно „кнез на Мијаците“. Неговиот биограф и современик, бискупот Марино Барлетио, го нарекува „крал на Епир и на Македонија“. Во своето дело „Хисториа“ Спандучи на едно место вели: „...Георгија Кастриот бил толку многу заслужен што го ценеле и го почитувале не само неговите соплеменици - Мијаците, туку и сите други народи, та дури и Турците. Мајка му била Воислава, исто така, Словенка - Македонка, од неговиот род, ќерка на еден господар од Полог, кој претставува дел од Македонија...“, а потоа заклучува: „Мијаците и сите Словени по род, имаат многу причини што го слават и што пеат јуначки песни за Георгија Кастриот, бидејќи се борел за заштита на словенството, за христијанскиот крст и за чесната слобода, но и затоа што го носел најблагородното свето име во својот род - Георгија..!“.


* Може ли да ни кажете нешто за тие мијачки песни? Каде се собирани?


Една песна носи наслов „Сон сонила кралица Воислава“, друга е песната „Момче-ѕвезданарче“, потоа „Елегија за убавата Марија Андроника“, сопругата на Георгија и други. Сите нив ги собрал учителот од Лазарополе Аврам Жунгула во периодот помеѓу 1887 и 1891 година, а му ги испеале најграмотните жени во тоа време во малореканскиот предел. Наспроти Мијаците, Гегите (Албанците), кои Георгија го сметаат за свој национален јунак, не испеале ниту една строфа за неговото витештво и јунаштво.


* Сепак, Георгија Кастриот кај нас повеќе се доживува како албански национален херој.


Точно, но вистината е друга. До 1912 година, кога Англосаксонците на вештачки начин ја склепаа денешна Албанија, отцепувајќи ги Македонците од неговото матично ткиво, колонистите на тие простори - Тоските и Гегите (Албанците), не знаеја дека на територијата што ја колонизирале постоел некој голем витез и крал по име Георгија Кастриот. Оваа историска личност им ја прилепија неупатените англосаксонци. Тие, имено, направија два грева, не само спрема Георгија, туку и спрема македонскиот народ, бидејќи е негов син. Освен што им го прилепија, тие исто така му ја сменија и именската придавка од Искендер (Александар), во Скендер-бег, што претставува своевиден фалсификат. Георгија никогаш не бил ни Скендер, ни бег, ниту пак Гега (Курд), туку чистокрвен Македонец. Барлети во своето капитално дело зборува дека неговите борци не биле составени од Тоски и Геги, туку од Трибали и Бугари, што значи од Словени, односно од Македонци.


* Ова што го велите многу ми личи на ставовите на прогонетиот албански научник, академикот Каплан Ресули.


Токму така. Станува збор за истоветни научни сознанија, погледи и поставки. Каплан само ја потврди вистината за романтизмот врз кој се темели и се гради албанската наука и научна мисла и ништо повеќе.


* Велите оти Кастриот е дел од македонското мијачко племе. Како се нашле Мијаци во Албанија во средниот век?


Па, тие од најстаро време ја населувале територијата на Матија (Албанија). За тоа сведочи не само старомакедонската топографска номенклатура на тие простори, која и денес е во употреба, туку и сакралните споменици и карактеристичниот мијачки (охридско-галички) стил на архитектурата. Сите цркви и манастири, сета зографија е дело на Мијаците. Тоските и Гегите немаат ниту грам материјална култура во Албанија, што зборува за нивното отскорашно присуство на тие простори. Сите предмети што се пронајдени при археолошките истражувања во Матија, во илирските и во подоцнежните раносредновековни тумули и некрополи, а работено е речиси на 75 локации, во науката се именувани како „словенски фибули“, што значи дека на тие простори од најстари времиња живеел македонскиот словенски елемент. И уште еден многу важен податок. Имено, меѓу 60 и 65 насто од населението во Република Македонија што денес се декларира како албанско (гегско-арнаутско), е по род мијачко, прво исламизирано, а потоа за да може да опстане на своите древни простори од геноцидот што го спроведувале Гегите - се гегоизирало. Денес или утре таа популација ќе се свести, ќе се осознае себеси и ќе и се врати на нацијата на која и припаѓа - македонската.


* Споменувате дека имате подготвено книга од 1.300 страници каде што го докажувате македонското (мијачко) потекло на Георгија Кастриот.


Да. Книгата е подготвена за печат и останува да се обезбедат само средства за печатење. Освен биографскиот дел за кралот Георгија Кастриот и за војните што ги водел со Турците, ја опишувам историјата на територијата на Матија, за тоа - кој живеел на тие простори во праисторискиот период, во раниот и средниот век, по што ја обработувам етногенезата на династијата на Кастриотите за 12 колена наназад, почнувајќи од Јован Канински, како основач на родот Кастриот. Со него, на документиран начин се посведочува словенскиот карактер на оваа македонска средновековна кралска династија. Круна на таа студија претставува поглавјето на епските народни песни, испеани од неговите соплеменици Мијаците, кои со своето изострено уметничко чувство, вкус и опус, видно ќе ја збогатат македонската народна поезија во сферата на епското творештво.


* Кога ќе ја објавите?


Зависи кога ќе се обезбеди спонзор што ќе го финансира нејзиното печатење. Бидејќи се работи за исклучително значајна личност од историјата на македонскиот народ, за која годинава се навршуваат 600 години од раѓањето, се обратив и до премиерот господинот Владо Бучковски, со молба за покровителство. Но, до денес немам добиено никаков одговор од почитуваниот премиер, што значи дека нејзиното издавање во јубилејнава година е, сепак, неизвесно.


РАБОТАМ САМО СО ОРИГИНАЛНИ ДОКУМЕНТИ


* Врз какви докази ги темелите Вашите тврдења за мијачкото (словенско) потекло на Скендербег?


Исклучиво врз наративни, епиграфски и материјални извори, факти и сведоштва, врз оригинални архивски материјали од архивите во Венеција, Милано, Неапол, Рим, Виена, Дубровник, Задар, Будим, Истанбул и во многу други земји со кои Кралството Епир и Македонија одржувало дипломатски врски и односи. Секаков друг пристап, секакви импровизации и измислици се со краток век и спротивни на научната мисла и етика.


ИСТОРИЧАРИТЕ-АЛБАНЦИ СЕ РОМАНТИЧАРИ


* Очекувате дека вашите колеги историчари-Албанци ќе ги прифатат аргументите за словенското потекло на Кастриот?


Не. Во никој случај. Кон историјата тие гледаат со романтичарски очи. Отворете Интернет и ќе видите дека не само Македон, Филип и Александар Македонски, туку и сите римски и византиски императори, папите, античките историчари и философи и сите други прославени личности, ни повеќе ни помалку, тврдат оти се по потекло Гего-Мирдити (Курди, односно Арнаути). Овде јас зборувам само за Гегите, не и за Тоските (Шќиптарите). Покојниот Енвер Хоџа, Тоска по потекло, неколкупати ги повикуваше албанските научни работници „да се симнат од облаците, да ги остават Илирите настрана и да почнат да копаат по вистинските корења“, за, како што зборуваше тој, „албанската наука да биде ценета и почитувана во светот“. Но, тие не го послушаа.


Иван Блажевски

Нема коментари: